Југословенската фудбалска легенда Роберт Просинечки пред неколку месеци стана нов селектор на Црна Гора. Во разговор за репрезентативниот Инстаграм профил, 55-годишникот доби тешко прашање на кое немаше конкретен одговор.
Просинечки требаше да одбере кој е најдобар фудбалер од поранешните југословенски простори. Тој одбра неколку имиња, меѓутоа не сакаше да издвои ниту еден од нив.
„Тешко е да се одбере најдобар. Ако сега кажам Дејан Савичевиќ, луѓето ќе мислат дека го бирам бидејќи ми е претседател. Имаше многу одлични фудбалери на овие простори, голем дел од нив ги одбележаа своите генерации. Генерацијата на Хрватска беше полна, да не зборуваме за времето на Црвена Звезда… Потоа и во репрезентацијата на Југославија играчи направија врвни кариери, со години беа во најголемите клубови на светот.
Еден од најдобрите со сигурност е Дејо, тука се и Шукер, Бобан, Папе Сушиќ… Ова се фудбалери кои ми паднаа на памет набрзина. Не сакам никој да се налути. Тоа беа играчи кои го одбележаа светскиот фудбал, а не само во Југославија“, изјави Просинечки.
Интересно, Просинечки не спомена ниту една од сегашните ѕвезди во фудбалот, како на пример Лука Модриќ кој има и „Златна топка“.