Ерик Тен Хаг зборуваше пред јавноста во пресрет на мечот на Манчестер Јунајтед против Барнсли во рамките на Карабао купот.
Тој доби прашање околу скапото засилување од пред некоја сезона, Ентони од Бразил. Крилото беше платено 95 милиони евра, меѓутоа целосно потфрли во Англија, а Тен Хаг беше прашан дали ќе му даде шанса против третолигашот во Купот.
„Ќе видиме каков ќе биде составот против Барнсли. Имаме тренинзи секој ден и секој фудбалер мора да заслужи да игра за Манчестер Јунајтед. Кога и да имаат вистински став и тоа го покажуваат на тренинг, тогаш добиваат шанса.
Карабао купот и ФА купот се важни. Многу клубови им даваат на важности, сопствениците и тренерите сакаат да ги освојат. Гледав како тимовите се борат за трофеите, и ние го посакуваме истото“ изјави Тен Хаг.
Ентони пристигна во Манчестер Јунајтед по силна желба на Тен Хаг бидејќи двајцата соработуваа во Ајакс. Сепак, по доаѓањето во клубот на 83 натпревари постигна 11 гола и е далеку од старата форма. Често тој е мета на критики, но и сеир на навивачите поради своето однесување.