Македонскиот фудбалски шампион Струга Трим Љум го совлада Пјуник (2-1) во првиот натпревар од двомечот во второто квалификациско коло на Конференциската лига.
По овој триумф тренерот на шампионот на Македонија, Ќатип Османи го анализира одиграното на своите избраници. Тој нагласи и дека во Ерменија нема да оди да се брани.
„Мораме да бидеме оптимисти за реваншот. Предност си е предност, макар и минимално. Резултатот не значи дека ќе излеземе таму да се браниме и да играме само одбрана. Има уште деведесет минути, мора да бидеме паметни и да излеземе на терен со цел да победиме и да се пласираме во следната рунда“, нагласи тренерот на стружани.
Освен предводникот на тимот од клупата, се обрати и човекот кој даде ефектен еврогол, Стефан Спировски, кој кажа:
„Задоволни сме, можеби требаше уште подобро да го искористиме домашниот терен, но победа си е победа, па и со еден гол разлика. Имаме уште деведесет минути и се разбира, нема да биде лесно. Колективно и индивидуално мислам дека го исполнивме она што го побара тренерот од нас. Можевме да славиме и поубедливо, но и еден разлика е позитивен резултат пред реваншот“.
Реванш натпреварот меѓу Пјуник и Струга во Ереван се игра во вторник во 18:00 часот.