Струга има нов европски предизвик, во второто квалификациско коло од Конференциската лига се среќава во Пјуник, првиот меч се игра денеска (среда) од 17 часот, на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
По елиминацијата во квалификациите од Лигата на шампионите, Струга има уште една шанса да се избори за што е можно подолго лето. Македонскиот шампион се префрли во Конференциската лига каде прв предизвик му е незгодниот ерменски тим, Пјуник.
Исто како и Струга, Пјуник тргна во квалификациите од Лигата на шампионите, но во нив беше поразен од Динамо Минск.
Тренерот на Струга, Ќатип Османи има комплименти за Пјуник, но вели дека целта на Струга е да се искористи поддршката од публиката и да се победи на првиот меч.
„Пјуник е тим кој е доста дисцпилиниран и борбен. Во последните два меча против Динамо Минск се обидоа да играат добро во дефанзива, а да нападнат преку контри. Навистина станува збор за квалитетен противник, но мислам дека поседуваме квалитет за да ги победиме. Мојот тим е комплетен, само еден играч е под знак прашалник поради физичка спремност. Подготвени сме за утрешниот натпревар. Во првиот дуел имаме приоритет да победиме. И покрај тоа мора да сме внимателни во двомечот. Пјуник е тим кој игра поинаку на гости, а поинаку дома. Тоа е аспект на кој мора да обрнеме внимание“, изјави Османи.
Реваншот од овој двомеч се игра за шест дена, на 30. јули во Ерменија.