Денеска (среда) со почеток од 19 часот Струга му гостува Слован од Братислава во првото коло од квалификациите во Лигата на шампионите.
Актуелниот македонски првак го почнува настапот во Европа оваа сезона, предизвикот е голем, противник е Слован кој е фаворит во оваа пресметка.
„Се работи за најдобриот тим во Словачка, клуб со традиција и многу добри резултати, го почитуваме Слован Братислава до максимум. Се обидовме да ги анализираме нивните натпревари од подготовките, дури и последните мечеви од сезоната. Свесни сме дека ќе биде поинаку на мечот бидејќи тие имаа фудбалери кои играа на Европското првенство“, вели тренерот на Струга, Ќатип Османи.
За Слован нема да настапат репрезентативците Јурај Куцка и Давид Стрелец, како и капитенот на Грузија, Гурам Кашиа кои поради настапот на ЕП подоцна го почнаа одморот.
Македонскиот шампион беше прилично зафатен во првиот дел од преодниот рок, досега потпиша со девет нови фудбалери обидувајќи се да создаде што е можно поквалитетен ростер за новата сезона. Дали новиот тим ќе може брзо да профункционира, ќе се види уште вечерва.
Натпреварот меѓу Слован и Струга почнува од 19 часот, ќе има директен пренос на МТВ3.