Српското дерби меѓу Партизан и Црвена Звезда заврши со убедлива победа на гостите од 0-4, најубедлива во историјата на „црвено-белите“ како гостин.
По натпреварот навивачите на Партизан беа доста незадоволни. Иако на трибините ги немаше најверните „Гробари“ кои се во конфликт со управата и не присуствуваат на домашните натпревари, и обичната публика беше бесна. Тие бараа од тренерот Александар Станојевиќ да замине.
Сепак, ситуацијата ескалираше во соблекувалната, бидејќи навивачите на Партизан со предмети фрлале кон соблекувалната на Партизан. Во тој момент го скршиле стаклото и дел од парчињата завршило во лицето на тренерот Станојевиќ. Тој расечен се појави пред претставниците на медиумите и зборуваше за немилите сцени.
„Не сакам да драматизирам, немаше ниту да дојдам на оваа прес-конференција, но сакав да ве испочитувам вас медиумите. Немаше директен напад. Навивачите фрлаа со предмети и го скршија стаклото во соблекувалната. Дел од тоа стакло летна и ми го расече лицето, на челото и носот. Не сакам дополнителна драма, затоа го споделувам ова“, изјави тренерот на Партизан.
Црвена Звезда е лидер во првенството со 22 бода, додека Партизан има двојно помалку (11) и е деветтопласиран.