Фудбалскиот сојуз на Англија веќе некое време собираше докази и отвори случај против Лукас Пакета од Вест Хем.
Бразилскиот играч за врска се наоѓа во центарот на нов обложувачки скандал. Според информациите од англискиот сојуз, Пакета е обвинет поради наводно намерно добивање на жолти картони, со цел за финансиска придобивка. Се работи за натпревари од 2022 и 2023 година на кои Бразилецот добивал сомнителни јавни опомени, а самиот тој ја негира вината.
„Изненаден сум и разочаран што ФА се реши да отвори обвинение против мене. Веќе девет месеци соработувам со нив, во секој чекор на истрагата ги изнесов сите потребни информации кои можев. Сакам да го негирам делото, ќе се борам за да ги тргнам лажните обвиненија против мене. Поради истратага, нема да дадам дополнителни коментари“, напиша Пакета.
Интересно е дека за Лукас Пакета сериозно „загриза“ Манчестер Сити и Пеп Гвардиола. Тие веќе некое време го следат бразилскиот играч за врска и беа подготвени да платат и до сто милиони евра. Сепак, со новите информации и фактот дека на Пакета му се заканува суспензија, шампионот може да се откаже од идејата да го ангажира.