Дефанзивецот на Милан, Симон Кјаер (35) на крајот на сезоната ќе го напушти клубот од „Сан Сиро“, потврди агентот на данскиот фудбалер.
Договорот на искусниот фудбалер со „росонерите“ истекува на крајот од сезоната, а бидејќи клубот одлучи да не ја продолжи соработката со Кјаер, двете страни постигнаа договор за разделба кога ќе заврши сезоната.
Кјаер пристигна во Милан во јануари 2020 година како позајмен играч од Севиља, на крајот од истата сезона италијанскиот гигант одлучи да го откупи неговиот договор.
Сезонава Кјаер забележа 24 настапи и покрај проблемите со повредите кои го држат надвор од терените, но се очекува наскоро да биде спремен за настап.
Пред Кјаер сега е Европското првенство со Данска каде што како слободен играч ќе може да привлече дополнително внимание.
Искусниот дефанзивец ја започна својата професионална кариера во Митјиланд во 2007 година, по што настапуваше за Палермо, Волфсбург, Рома, Лил, Фенербахче, Аталанта и Севиља пред да стане член на Милан, каде што остана најдолго.