Динамо Загреб вчера го доживеа најтешкиот пораз во историјата кога се во прашање настапите во Лигата на шампионите, хрватскиот шампион прими дури девет голови на Алијанц арената.
Стефан Ристовски го одигра целиот меч, Адеми влезе во финишот од дуелот. Македонските фудбалери беа дел од срамниот пораз од Баерн Минхен.
„Пред се сакам да им се извинам на навивачите на Динамо, се надевам дека ќе ни простат и ќе бидат со нас. Не е лесно да се биде пред новинарите и да се коментира по овој пораз. Мора да бидеме свесни дека не го претставуваме само Динамо, туку и хрватскиот фудбал. Како соблекувална мораме да се извлечеме и верувам во тоа. Динамо е клуб со голема историја кој секогаш има големи барања. Сега е најлесно да се впери прстото кон некој и да се каже дека тој е крив. Само сите заедно може да се извлечеме од оваа ситуација“, вели Ристовски.
„Што и да кажам сега, ќе биде премалку. Кога ќе изгубиш и ќе примиш девет голови… Искусни сме и долго време играме заедно, ова е неприфатливо. Динамо со години гради имиџ и ова е неприфатливо за сите нас. Имам само една молба, да останеме заедно и само така можеме да одиме напред“.
„Се надевам дека ова нема да остави трага. Психолошки фактот е тука, но соблекувалната мора што побрзо да го заборави. Но, тешко се заборава. Времето не ни дозволува премногу да размислуваме на ова. Во сабота играме лигашки натпревар и се надевам дека ќе се покажеме во вистинско светло“.