Фудбалерите на Шкотска на стартот на Европското првенство пред полните трибини во Минхен ќе ја предизвикаат Германија.
Оптимист пред оваа средба е Луис Морган, репрезентативецот на Шкотска кој настапува за Њујорк Ред Бул и по шест години се врати во селекцијата. Тој нагласи дека постои шанса за изненадување на отворањето на турнирот.
„Апсолутно можеме да ја изненадиме Германија на стартот на ЕП. Се случувале и почудни работи во фудбалот. Имаме многу, многу талентирана екипа, добра група фудбалери кои играат на највисоко ниво во светскиот фудбал. Нема причина да не одиме таму и да направиме нешто повеќе. До успех можеме само ако дадеме максимум и се држиме до плановите.“, изјави Морган.
Инаку, се очекува Шкотланѓаните да ја „окупираат“ Германија. Се најавува дека навивачите од Шкотска ќе бидат најбројни гостински на ова првенство, а бројките кои се споменуваат достигнуваат и 100.000.