Францускиот голгетер Килијан Мбапе денеска од 21:00 часот против Тулуз ќе го одигра последниот натпревар во дресот на Пари Сен Жермен на „Паркот на принцовите“.
Мбапе во 2017 година пристигна во ПСЖ од Монако во трансфер вреден 180 милиони евра и успеа да освои бројни титули, но никогаш не стигна до трофејот во Лигата на шампионите.
Го одведе ПСЖ до финалето во 2020, но тогаш беа поразени од Баерн со 0:1, додека сезонава беа елиминирани во полуфиналето од Борусија Дортмунд.
Сепак и покрај големиот успех кој го имаше во францускиот дрес, утрово медиумите пишуваат дека во ПСЖ нема да приредат проштална забава за Мбапе, а за многумина тоа е знак дека се разочарани од неговата одлука.
Реномираниот „Паризиен“ пренесува дека во ПСЖ немале доволно време бидејќи Мбапе објавил на помалку од 48 часа до натпреварот, но за голем дел од јавноста тоа и не е некое објаснување.
Мбапе досега за ПСЖ одигра 306 натпревари во кои постигна 255 гола, а успеа да забележи и 108 асистенции, па затоа
навивачите се надеваат дека сепак, нешто ќе се промени и клубот ќе најде начин да го обележи последниот натпревар на домашен терен на еден така важен играч во клупската историја.