Францускиот шампион ПСЖ го договори трансферот на португалскиот репрезентативец Жоао Невес од редовите на Бенфика.
Станува збор за 19-годишен фудбалер кој игра на позицијата дефанзивен играч за врска, а во Париз се сели за сума од 60 милиони веднаш и уште 10 низ бонуси. Невес веќе се наметна и во репрезентацијата на Португалија, играше за својот национален тим на Европското првенство и му се смешкаше голем трансфер.
Жоао Невес потекнува од фудбалската школа на Бенфика, минатата година потпиша долгогодишен договор дозволувајќи му на својот матичен клуб сериозно да заработи од трансферот. Фабрицио Романо го даде своето популарно „Here we go“ за преодот на Невес во ПСЖ.
Освен сумата која парижани ќе ја платат, во спротивен правец ќе замине Ренато Санчез кој оди на позајмица во клубот од кој потекнува.