Репрезентацијата на Шпанија ќе биде ослабена во првиот натпревар на Европското првенство кој ќе игра против Хрватска бидејќи нема да може да смета на услугите на Емерик Лапорт.
Дефанзивецот кој минатото лето направи трансфер од Манчестер Сити во Ал Наср подолг период се мачи со повреда на мускулот на ногата. Шпанците се надеваа дека состојбата може да му се подобри, но откако денеска не беше во состојба да тренира стана јасно дека нема да биде во комбинација за настап во сабота.
Така за Шпанија во одбраната против Хрватска би требало да стартуваа Ла Норманд и Начо од Реал Мадрид.
Шпанските медиуми веќе најавуваат и дека селекторот Де Ла Фуенте го избрал составот, па така покрај Начо и Ла Норманд, како бекови треба да настапат Карвахал и Грималдо, а Симон се најавува на голманската позиција. Во средниот ред би требало да бидат Родри, Фабијан Руиз и Педри.
Алваро Мората ќе биде најистурен во нападот, а по крилните позиции треба да настапат Нико Вилијамс и Ламин Јамал.