Фудбалерите на Реал Мадрид славеа во дуелот со Бетис (2-0), во рамките на четвртото коло на Ла Лига. Со овој триумф „кралевите“ дојдоа на половичен ефект и заостануваат зад лидерот Барселона на табелата.
Средбата на „Сантијаго Бернабеу“ ја одбележа Килиан Мбапе. Француската ѕвезда која летово пристигна во Мадрид го постигна својот првенец во шпанскиот фудбал. По 333 одиграни минути и преку 25 обиди, Мбапе го пронајде патот до мрежата.
Течеше 67. минута кога Валверде магично го проигра Французинот со пета низ одбраната на Бетис. Тука Мбапе излета во зицер шанса и погоди за 1-0. Само осум минути подоцна Винициус изнуди пенал и му го отстапи на францускиот фудбалер.
И во обидот од белата точка Килиан Мбапе беше прецизен, па во 75. минута го постигна својот втор гол во Ла Лига, поставувајќи ги конечните 2-0.
Барселона е лидер во првенството со 12 бода, додека по осум имаат Реал, Атлетико и Виљареал.