Дојде време за најголемите возбудувања и во Лигата на Европа со стартот на полуфиналната фаза. Откако во минатата рунда беа елиминирани дел од главните фаворити за тронот (Ливерпул и Милан), јасно е дека следи уште повозбудлива битка на четирите полуфиналисти.
Поголем интерес буди мечот кој се игра на римски „Олимпико“, каде што Рома ќе го дочека непобедливиот Баер Леверкузен. Четата на Чаби Алонсо гостува во престолнината на Италија со серија од три нерешени исходи, меѓутоа и сезона од соништата. Леверкузен го обезбеди трофејот во Бундеслигата и не знае за пораз повеќе од 45 натпревари, а тоа е мотив повеќе за надигрување со „волчицата“. Сепак, треба да се нагласи и дека Рома е како препородена откако клупата ја презеде легендата Даниеле Де Роси. Тимот од Рим го исфрли Милан во четвртфиналниот двомеч, а навивачите посакуваат ново финале и овојпат трофеј.
Вториот полуфинален пар можеби на хартија е помалку интересен, меѓутоа ветува голема борба. Аталанта на Џанпјеро Гасперини гостува во пеколот на „Велодром“ кај екипата на Олимпик Марсеј. Веројатно италијанскиот тим зад себе го има најголемото изненадување и елиминацијата на Ливерпул од ова натпреварување, па тоа е ветер во грб во пресрет на двомечот со Французите. Мотив повеќе не е потребен за Марсеј кога игра дома, а полните трибини на култниот стадион ќе бидат голем предизвик за Аталанта.
Двете средби се играат во терминот од 21:00 часот, а реваншите се за седум дена.