Репрезентацијата на Романија е уште една во низата на оние кои останаа без селектори по Европското првенство.
Едуард Јорданеску реши да си поднесе оставка од селекторското столче и покрај тоа што имаше успех на првенството. Самиот Јорданеску нагласи дека неговата мисија е исполнета, па поради тоа се повлекува од кормилото на репрезентацијата по истекот на договорот.
Пласманот во осминафиналето беше втор најголем репрезентативен успех за Романија која во 2000 година беше четвртфиналист. На овој турнир во Германија тие беа победник во најизрамнетата група во која сите четири селекции завршија со по четири бода, ама и покрај тоа следат промени.
Јорданеску беше романски селектор од почетокот на 2022 година, а по исполнувањето на целта си заминува од клупата.