Eкипата на Шкупи која и сезонава атакува на највисок пласман во домашното првенство нема најдобар почеток на сезоната, па така откако во минатото коло се спасуваше од пораз против Воска Спорт, денеска беа поразени од тимот на Гостивар.
Гостивар кој летово доведе неколку засилувања во своите редови славеше победа против чаирчани со 2:0. Херој на домаќините беше искусниот Потук кој во првото полувреме постигна два гола.
Двата гола Потук ги постигна во период од четири минути во 36. и 40. минута. Во вториот дел видовме по некоја прилика и на двете страни, но резултатот не се промени.
Шампионот Струга Трим Лум по триумфот против Тиквеш со 1:0 во првото коло денеска стигна до уште една минимална победа, сега против Беса. Единствениот гол на средбата го постигна Радиќ на почетокот на вториот дел.
Најубедливата победа во денешните дуели ја забележа Силекс кој ја декласираше Брера со убедливи 4:0 на свој терен.
Поранешниот младински репрезентативец, Марко Ѓорѓиевски одигра одличен натпревар во кој постигна хет-трик, а преостанатиот гол беше дело на Додев.
Во останатите два натпревари, Тиквеш ја победи Воска со 2:1, додека Шкендија и Работнички ремизираа 1:1.
Последниот натпревар од ова второ коло го играат вечерва Вардар и Пелистер на Арената „Тодор Проески“ од 20:00 часот.