Репрезентацијата на Србија беше на работ на елиминација од Европското првенство, но голот на Лука Јовиќ во 95. минута ги остави во игра за осминафинале за кое ќе играат против Данска во последното коло од групите.
Селекторот на Србија, Драган Стојковиќ-Пикси по натпреварот призна дека за неговиот тим ова бил тежок натпревар, меѓутоа потенцираше и дека неговиот тим креирал многу шанси.
„Како прво, Србите не умираат така лесно. Не се предадовме, ниту ќе се предавме, веруваме до крај и овој резултат дојде како резултат на награда на нашето верување. За многумина натпреварот беше завршен, но не и за нас. Ова е Европско првенство, не се пријателски натпревари, секој гол е важен. За мене исто така е важно што создававме многу шанси, но ниту една топка не сакаше да влезе во мрежата до тој гол на Јовиќ. Не се откажавме во ниту еден момент, едноставно не сакавме да прифатиме дека денес ќе изгубиме од Словенија“, изјави Пикси.
Во последното коло Србија ќе игра против Данска и со победа во тој натпревар веројатно ќе бидат во осминафиналето.