Фудбалерите на Србија добро се загреаа за настап на Европското првенство, откако славеа со 0-3 на гостувањето кај Шведска во Стокхолм.
Избраниците на Драган Стојковиќ – Пикси одлично ја одработија генералката пред континенталниот собир. Србија под ова државно име за првпат ќе настапи на ова натпреварување, а токму за тоа зборуваше селекторот Пикси. Тој нагласи дека сега повторно по неговото враќање селекцијата оди на Европско првенство.
„„Имаме многу квалитетна генерација на играчи. Успеавме да се квалификуваме, а тоа беше најважно. Очигледно мораа да ме чекаат мене по толку години пак да ја одведам Србија на ЕП. Се шегувам, но факт е дека тогаш бев добар капитен и лидер на тимот на теренот. Сега по повеќе од две децении имам задача и привилегија да бидам селектор. Мило ми е поради тоа. Огромна е личната сатисфакција што бев дел од ЕП како играч, а сега ќе бидам и како селектор“, изјави Пикси.
Србите на турнирот ќе се судрат со Англија, Словенија и Данска.