Селекторот на Србија, Драган Стојковиќ Пикси на прес-конференцијата по натпреварот зборуваше за своите впечатоци на првенството.
Иако не го криеше разочарувањето селекторот на Србија не гледа на ова како преголема трагедија и истакна дека им недостасувало малку среќа.
„Си одиме дома. Ова е едно разочарување, не успеавме да го направиме тој чекор, натпреварот вечерва беше изедначен, се бараше таа една шанса, тој е еден гол. Но, Србија не беше вреќа за удирање, покажавме едно добро лице. Групата беше изедначена, видовте и како поминаа Словенија и Данска. Ова е фудбал, не е никаква трагедија. Ќе продолжиме да работиме“, изјави српскиот селектор.
Го прашаа новинарите и дали смета дека ќе остане селектор по елиминацијата во групната фаза.
„Немам од што да се срамам, не одлучувам јас дали ќе останам селектор и тоа не е прашање за мене. Јас одам со крената глава. Нема причина за трагедија, ова е спорт и во спортот никогаш нема да има трагедија“, одговори српскиот селектор.
Србија групата ја заврши како последнопласирана во групата со два освоени бодови.