Винициус Жуниор не ја освои Златната топка, иако многумина очекуваа дека таа ќе замине во негови раце. До денот на доделувањето се очекуваше признанието да замине во рацете на Бразилецот, меѓутоа на крајот го доби Родри од Манчестер Сити.
Во Реал Мадрид беа толку лути што никој не дојде на гала вечерта за доделувањето на Златната топка. Флорентино Перез реши сега да го прокоментира ова признание, посочувајќи дека ако не биле одредени мали земји кои не му дадоа бодови на Винициус, тој ќе ја освоеше.
„Ако не беа Намибија, Уганда, Албанија и Финска, Винициус ќе ја добиеше Златната топка!
Гласаат луѓе кои не знаат за него, од тие земји новинарите не му дадоа ниту еден глас. Жирито во Финска барем си ја призна грешката и поднесе оставка, тоа го ценам. Мора да ги прашате организаторите кои се критериумите, но јасно е дека можат да прават што сакаат. Има ли смисла здружување со УЕФА? Гласањето за Златната топка треба да биде независно и да учествуваат познати фудбалски имиња. Родри има наша почит, заслужува Златна топка, ама не оваа. Овојпат мораше да ја добие играч на Реал, какви и да се критериумите. Требаше да ја добие Винициус, а можеше да му припадне и на Карвахал“, изјави Перез.
Родри на првото место собра 1.170 бода, додека Винициус имаше минимално помалку, односно 1.129.