Како што веќе се најавуваше, фудбалскиот клуб Барселона му врачи отказ на Чави Хернандез. Шпанскиот стратег по последниот меч овој викенд против Севиља ќе замине од клупата на каталонскиот гигант.
Иако челниците неколку месеци го убедуваа Чави да остане по најавата за заминување во јануари и успеаја во својата намера, дојде до пресврт. 44-годишникот отворено зборуваше за проблемите на Барселона на финансиски план, нагласувајќи дека не можат да се борат со најбогатите клубови на светот. Поради тоа Жоан Лапорта се налути и веќе една седмица се најавуваше отказот.
„Барселона сака да му се заблагодари на Чави за неговата работа како тренер, но и како играч и капитен во минатото. Му посакуваме многу успеси во светот на фудбалот“, стои во соопштението.
Чави в недела последен пат ќе ја води Барселона на гостувањето на „Рамон Санчез Писхуан“. Како прв кандидат за негов наследник се споменува Ханси Флик, кој чекаше разврска на ситуацијата. Информациите велат дека сè е готово и во следните денови тој ќе биде промовиран во нов тренер на Барса.