Фудбалскиот сојуз на Албанија објави дека заедно со Србија ќе поднесе кандидатура за организација на Европското првенство за фудбалери до 21 година.
Оваа информација денес беше потврдена, а како еден вид препорака се наведува успешната организација на финалето во Конференциската лига во Тирана во 2022 година и кандидатурата за организација на Европското првенство за фудбалери до 17 години во 2025 година.
„По успешната организација на финалето на конференциската лига во Тирана во 2022 година, како и домаќинството за Европското првенство за играчи до 17 години во 2025 година, ФС Албанија сака да организира уште еден голем настан. Бидејќи Албанија нема услови самостојно да го организира првенството, тоа би го направила заедно со Србија. Тоа е многу амбициозен проект кој би ја ставил Албанија во центарот на фудбалските случувања во Европа“, се вели во соопштението.
Од Фудбалскиот сојуз на Србија засега се уште нема информации, меѓутоа ваквата можност неодамна беше најавена од претседателот на државата, Александар Вучиќ при почетокот на работата за изградба на Национален стадион.