Македонскиот фудбалски шампион Струга Трим Љум ќе се судри со Пјуник во второто коло од квалификациите за Конференциската лига.
Првиот натпревар од двомечот се игра во Македонија, а стружани ќе бидат домаќини во Охрид. Пред средбата во среда, своите очекувања ги изнесе тренерот Ќатип Османи.
„Пјуник е тим кој е доста дисцпилиниран и борбен. Во последните два меча против Динамо Минск се обидоа да играат добро во дефанзива, а да нападнат преку контри. Навистина станува збор за квалитетен противник, но мислам дека поседуваме квалитет за да ги победиме. Мојот тим е комплетен, само еден играч е под знак прашалник поради физичка спремност. Подготвени сме за утрешниот натпревар. Во првиот дуел имаме приоритет да победиме. И покрај тоа мора да сме внимателни во двомечот. Пјуник е тим кој игра поинаку на гости, а поинаку дома. Тоа е аспект на кој мора да обрнеме внимание“, изјави Османи.
Во првото претколо на Лигата на шампионите Струга беше елиминирана од Слован Братислава, а Пјуник загуби во двомечот со Динамо Минск.