Фудбалерите на Олимпијакос го освоија трофејот во Конференциската лига на УЕФА, победувајќи ја Фиорентина со 1-0 по продолженијата на „АЕК Арена“. Мечот беше пред преселба во пенал рулетот, но тогаш на сцена стапи Ајуб Ел Каби кој донесе предност и победа на грчкиот тим, за историска победа која донесе прв европски трофеј.
Првата закана на натпреварот ја имаше Олимпијакос, откако се обиде Даниел Поденс. Португалецот испрати удар кој голманот Терачано успеа да го скроти. Фиорентина на спротивната страна даде гол преку Кристијан Бираги, меѓутоа српскиот стопер Миленковиќ му пречеше во видикот на голманот Цолакис и имаше недозволена позиција.
До полувремето најконкретен беше ветеранот Бонавентура кој во два наврати ги тестира можностите на Цолакис, а голманот на Олимпијакос ја спасуваше ситуацијата. Се обиде уште еднаш Поденс, но немаше голови во првото полувреме.
Фиорентина како повеќе да сакаше да го реши натпреварот пред екстра времето. Во вториот дел влезе поконкретно и се обиде да дојде до гол. Добра шанса имаше напаѓачот Куаме, но неговиот удар успеа да го спречи голманот на грчкиот колектив. За Олимпијакос на спротивната страна се обиде играчот за врска Ибора, меѓутоа неговиот удар со глава заврши крај голот. Откако немаше погодоци во деведесет минути, мечот влезе во екстра време.
Во продолженијата двете екипи имаа по една добра шанса. За Грците се обиде Јоветиќ со удар од надвор од шеснаесетникот, кој со парада го одбрани Терачано. На спротивната страна пак се обиде Куаме, но Цолакис нешто полесно ја скроти ситуацијата. Олимпијакос очекуваше да добие и пенал, откако со рака играше Мартинез Кварта, но судијата Диас беше одлучен дека нема елементи за најстрога казна. Правдата беше задоволена во 116. минута, кога Ајуб Ел Каби доби нафрлена топка и со глава го измами Терачано. Иако голот се проверуваше во ВАР собата, сепак голот беше признат и започна лудото славје на стадионот во Атина.
Нема сомнеж дека победата на Олимпијакос ќе се слави до доцна во ноќта, бидејќи ова е најголем успех во историјата на клубот.