Македонската фудбалска репрезентација може да биде вистинскиот губитник од прекинот на натпреварот меѓу Романија и Косово.
Мечот во Букурешт беше прекинат во самиот финиш откако фудбалерите на Косово решија да се повлечат во соблекувалната кога романските навивачи почнаа да скандираат „Србија, Србија“.
Натпреварот кој во моментот на прекин беше 0-0, најверојатно ќе биде регистриран со службена победа на Романија од 3-0, а тоа не и одговара на Македонија.
Романија е единствениот конкурент на Македонија во борбата за првото место во вкупниот пласман од селекциите кои се натпреваруваат во Лига Ц. Романците со оваа победа би имале 15 бодови по 5 кола, а ние имаме 13.
Во последното коло ние играме со Фарски Острови, а Романија со Кипар. Тешко е да се поверува дека Романците би можеле да го загубат тој меч за ние да се искачиме пред нив на севкупната табела.
Таа табела е значајна за обезбедување на бараж за Светското првенство 2026 година.
Дали Македонија ќе има штета од потегот на Косово ќе се знае дури по завршувањето на квалификациите за СП, тогаш ќе се земе во предвид и рангот во Лигата на нации за да се комплетираат учесниците во баражот.