Eкипата на Аталанта се соочи со проблеми откако во текот на летото некои од најважните фудбалери побараа да заминат.
Копмајнерс веќе е на чекор од Јувентус, а како негова замена веќе е договорен Србинот Самарџиќ. Но, место страстите да бидат смирени Гасперини се соочи со нови проблеми.
Уште еден од важните фудбалери од тимот, Адемола Лукман поднел барање за трансфер. Лукман беше херој на Аталанта во финалето од Лига Европа против Баер Леверкузен и во новата сезона требаше да биде предводник на нападот со Скамака.
Но, вистински шок за Гасперини бил кога Лукман побарал да не биде дел од тимот за утрешниот натпревар против Лече од првото коло.
Интерес за Лукман покажа Пари Сен Жермен и наводно тој не сака да ја пропушти приликата. Се очекува Аталанта за Лукман да бара најмалку 50 милиони евра. Ќе потсетиме, ПСЖ е во потрага по засилување во нападот откако се повреди Гонзало Рамош во првото коло во новата сезона. Според најавите ќе паузира околу три месеци.