Македонскиот интернационалец Бобан Николов во моментов настапува во унгарска Кишварда и има солидна сезона зад себе.
Фудбалерот кој иако има 29 години, зад себе има огромно искуство. Во гостување на подкастот на Лазаров, Николов се осврна на еден тежок момент од својата кариера. Имено, во периодот кога беше дел од романски Виторул македонскиот ас имаше повреда, а сега открива дека размислувал дури и за крај на кариерата.
„Многумина не знаат, но јас на дваесет години имав тешка повреда која ме тераше да размислувам и да завршам со фудбалот. Беше толку сериозно што бев и во инвалидска количка, се мачев една година со тоа. Тогаш заиграв шест месеци, па Господ ме прати во Вардар. Многу луѓе ме советуваа да не се вратам во ПМФЛ, бидејќи тоа е чекор назад во кариерата. Тоа излезе како вистински потег. Самсоненко тогаш вложи многу, ми презентираа план и цели кои беа на високо ниво, па ми беше предизвик. Многу играчи се вратија од странство. Целта беше да се освои титула и да се влезе во Европа, што го исполнивме. Сепак, знаеме како е кај нас. Кога се прави некој успех, наместо да се надогради на тоа, ние туркаме назад – едноставно таков ни е менталитетот. Се надевам дека тие успеси пак ќе се вратат, бидејќи Вардар е најголем македонски бренд и еден од најголемите на Балканот“, изјави Николов.
Сепак, Бобан Николов тогаш се врати во Вардар и со македонскиот бренд историски играше во Лигата на Европа. По Вардар следеше трансфер во Видеотон, па играше за Лече, Шериф, ФЦСБ и сега за Кишварда.