Неверојатна приказна ни пристигнува од Шкотска, а во центарот на вниманието е фудбалерот на третолигашот Трев Роверс, Карли Ватсон.
Минатата година на Ватсон му беше откриен рак кој во меѓувреме напредувал и стигнал до четвртата фаза. Но тоа не го спречува и понатаму да игра на теренот.
Освен што игра, тој веќе постигна и шест гола сезонава.
„Не се сожалувам себеси. Едноставно сум човек кој гледа напред. Имав дамка кој стануваше се поголема и поголема. Отидов на доктор за да се отстрани, а неколку недели подоцна добив повик во кој ми кажаа дека дамката има врска со рак на кожата. Бев во шок. Во мои години едноставно не очекуваш да слушнеш такви вести. Многу мисли ми поминаа низ главата во ист момент“, изјави Ватсон.
За медиумите зборуваше и неговиот тренер Дени Дунглисон.
„Ужасно е она низ што поминува. Има само 19 години, па тешко е да се разбере. Кога ќе го видите на теренот, не можете да си поверувате дека поминува низ таков пекол. Мислам дека не пропуштил ниту еден тренинг. Во ниту еден момент на натпреварите не изгледал како да се мачи. Ако ништо друго, изгледа како да е се подобро што е за воодушевување“, истакна Дунглисон.