Фудбалската репрезентација на Македонија не успеа да извлече позитивен резултат од гостувањето кај Чешка (2-1), во вториот јунски тест. Домаќинот во Храдец Кралове беше поофанзивен и поопасен, меѓутоа нашиот национален тим одигра одлична дефанзива. Сепак, со два спорни пенали селекцијата на Чесите дојде до победата.
Поради повреда од првиот тим отпадна Бојан Миовски, а во нападот дуото го формираа Трајковски и Елмас. Меѓу стативите стандардно застана Димитриевски, пред него заиграа Муслиу, Велковски и Зајков. На средината од теренот се најдао Атанасов, Алими и Костадинов, а по страните беа Алиоски и Ашковски.
Уште од првата минута подоминантни беа Чесите, меѓутоа нашите фудбалери беа добро поставени во дефанзивата. Опасни ситуации пред нашиот гол креираа Патрик Шик, Владимир Куфал и Томаш Соучек, меѓутоа Димитриевски го спаси својот гол. Еднаш се тресеше мрежата преку Шик, но во акцијата имаше недозволена позиција. Македонија своите шанси ги чекаше по контра напади, а во една таква ситуација по доста комбинации првиот удар по чешкиот гол го упати Исник Алими. Шутот беше откосо и од далечина, па голманот Станек немаше потешкотии да го скроти. На одмор се замина со почетниот резултат.
Вториот дел тргна со слично темпо, Чешка го контролираше темпото, а ние чекавме шанси по контри или транзиција. Имавме еден обид преку Јани Атанасов од далечина и интервенција на Станек. Следеше сомнителен пенал за домаќинот, откако судијата Оченаш покажа на 11 метри по минимален дуел на Муслиу и Соучек. Сигурен од белата точка беше Патрик Шик по еден час игра. Сепак, не требаше многу за Македонија да се врати до егал. Течеше 65 минута кога нашите фудбалери израмнија со дебитантскиот гол на Исник Алими. Играчот на романски Сепси добро проследи акција во која рамката од голот ја погоди Трајковски, па од одбиената топка со глава го матира Станек за 1-1. Чесите до крајот се обидоа да го вратат водството, имаа неколку солидни шанси, а судијата Оченаш одново досуди спорен пенал. Одговорноста овојпат ја презеде Антонин Барак и ја донесе победата на Чешка (2-1) во 97. минута.