Со натпреварот помеѓу Германија и Шкотска утре започнува Европското првенство, а на овој собир на најдобрите европски репрезентации ќе видиме и новитет во користењето на ВАР системот.
Шефот на судиите на УЕФА, Италијанецот, Роберто Росети потврди дека гледачите на стадионот и пред ТВ екраните ќе имаат можност да добијат објаснување зошто е донесена одредена ВАР одлука.
„Воведуваме нешто ново и очекувам да биде интересно. На јавноста ќе и понудиме техничко објаснување за секоја одлука. УЕФА експерт заедно со ВАР прегледот ќе подготвува и објаснување зошто е донесна одлуката“, изјави Росети.
Росети даде и конкретен пример како би гласело техничкото објаснување.
„Пример, судијата по прегледот досуди пенал поради играње со рака. Техничкото објаснување би гласело: Германскиот играч со број девет ја допре топката со левата рака која беше во неприродна позиција над рамото и така го зголеми обемот на неговото тело“, појасни Италијанецот.
Натпреварот помеѓу Германија и Шкотска се игра утре во терминот од 21:00 часот.