Од таборот на Кварацхелија, поточно неговиот агент и неговиот татко синхронизирано рекоа дека сакаат Квича да замине од Наполи ова лето, клубот веднаш им одговори со соопштение.
И покрај тоа што Кварацхелија е на Европско првенство со селекцијата на Грузија, од неговиот табор решија дека е вистинско време да почнат војна со Наполи за неговата иднина.
Агентот на Квича и неговиот татко јавно порачаа дека сакаат Кварацхелија да замине ова лето и да игра во тим кој настапува во Лигата на шампионите.
Наполи нема намера да им ја исполни желбата и тоа веднаш го соопшти.
„Наполи потсетува дека фудбалерот има договор на уште три години, и покрај коментарите на таткото и неговиот агент. Кварацхелија не е на продажба. Ниту агентите, ниту татковците не одлучуваат за иднината на фудбалер кој е под договор со Наполи, туку клубот. Крај на приказната“, стои во соопштението на Наполи.
Ваквата јавна дискусија меѓу двете страни, веројатно ќе се претвори во војна која ќе трае во текот на летниот преоден рок.