Навивачко шоу и вистинско дерби со триумф на Вардар, битолчани паднаа во Скопје! (ВИДЕО)

by 24 фудбал
2 минути читање

Фудбалерите на Вардар ја запишаа првата победа во новата сезона на ПМФЛ, на „Градски“ во големото дерби против битолски Пелистер со 1-0 (0-0). Скопскиот тим во поголем дел од мечот имаше контрола врз играта, а тоа на крајот резултира со триумф над лутиот ривал.

Овој меч понуди вистински навивачко шоу на трибините каде што скопските „Комити“ го наполнија Запад како во славните вардарови денови, а група од битолските „Чкембари“ даде дополнителен шмек на големото дерби.

Подобро во натпреварот влезе екипата на Вардар, скопскиот тим повеќе ја имаше топката и по почетниот грч се обидуваше да креира. „Црвено-црните“ кружеа околу дефанзивниот бедем на битолчани. Се обидуваа да пронајдат пукнатина, меѓутоа не одеше лесно бидејќи одбраната на Пелистер беше компактна. Освен неколку полушанси, немаше многу што да се издвои од првиот дел за вардарци. Се обидоа во неколку наврати Закариќ, Омерагиќ, Шаркоски, но премногу комплицираа.

Од друга страна, пелистерци се закануваа главно по контри и брзи транзиции. Во такви ситуации дојдоа ударите од далечина на Ивановски, Талевски и Љамчевски. Пред да се замине на одмор Пелистер ја имаше најзрелата шанса преку Михаил Талевски. Младиот напаѓач доби одложена топка на пеналтикот, биеше одлично, но со бравурозна интервенција Гачевски го спаси голот на Вардар и на одмор се замина со почетните 0-0.

По паузата Пелистер заигра подобро, почна да притиска и направи неколку обиди. Тоа го натера Михајлов прв да посегне по клупата и освежи со Дошев и Велковски. Вардар го крена темпото на игра, меѓутоа и тоа не беше доволно за да се пробие одбраната на Пелистер. Имаше Дианеси добар пробив, падна по еден контакт и очекуваше пенал, но судијата Стојчевски му покажа жолт картон. Времето истекуваше, а промена на резултатот немаше и така до 86. минута.

А, тогаш на сцена стапи Џибрил Дианеси кој по еден корнер од втор план се најде на пеналтикот и беше највисок во скокот, па го матира Јовчевски за 1-0. До крајот Пелистер не успеа да се избори за вистинска прилика за резултатски кам-бек.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани