Баерн Минхен се соочува со сериозни проблеми кога станува збор за договорите на фудбалерите. Еден од оние кои се наближуваат до истекот на соработката е младата ѕвезда Џамал Мусиала.
Офанзивецот кој беше еден од носителите на играта на баварците има договор до 2026 година, меѓутоа веќе следното лето би влегол во последната година од договорот, а тоа секогаш е проблематично. Мусиала беше во преговори со Баерн, меѓутоа истите беа стопирани барем до изборот на нов тренер.
„Нов договор? За мене изборот на нов тренер беше важен. Сакам да играме убав и атрактивен фудбал. Да бидеме конкурентни за титулата во Лигата на шампионите со квалитетен ростер. Тоа е начин на кој и јас лично можам да ги докажам квалитетите“, изјави Мусиала.
Бидејќи изјавата доаѓа по изборот на неискусен тренер во името на Винсент Компани, остави простор за шпекулации. Останува да видиме како ќе течат преговорите за новиот договор на Мусиала.