Жозе Мурињо денеска е во Лондон на финалето од Лигата на шампионите, па новинарите на Скај Спортс го прашаа и за Фенербахче кој треба да биде неговиот следен клуб.
Португалецот вели дека уште не може да потврди ништо, но би сакал да стане тренер на турскиот клуб.
„Не е уште готово. Одлучив дека сакам да одам, но уште не е готово, не можам да потврдам официјално, но да, сакам да одам таму“, вели Мурињо.
„Ќе биде тешко да се стигне до ЛШ за Фенербахче, бидејќи треба да поминеме три рунди квалификации, а во случајот на Фенербахче осум фудбалери ќе играат на Европско првенство и нема да дојдат на подготовките пред првото квалификациско коло, па ќе биде тешко, но ако одам таму, знаете дека сакам предизвици, па ако одам таму сигурно ќе се борам да дојдеме до Лигата на шампионите“.