Откако деновиве се појавија сензационални информации кои го поврзуваа Кристијано Роналдо со потенцијален трансфер во Фенербахче, пристигна демант.
Директно Жозе Мурињо се осврна на оваа тема, зборуваше за фудбалерот со кој во минатото соработуваше во Реал Мадрид и има одличен однос. Португалскиот тренер откри дека информациите се смешни.
„Информациите кои го поврзуваат Кристијано Роналдо со Фенербахче се смешни. За тие што велат дека тој може да заигра за Фенер, веројатно не знаат што пишуваат или се среќни со лажните вести кои ги шират.
Кристијано може да дојде во Истанбул бидејќи е на половина пат меѓу Саудиска Арабија или Португалија. Можеби ќе дојде со приватниот авион да се види со неговиот стар пријател Жозе Мурињо на вечера или ручек“, изјави Мурињо.
Кристијано Роналдо настапува во Ал Наср во Саудиска Арабија, а во повеќе наврати нагласува дека е среќен во оваа земја.