Раководството на Фудбалската федерација на Македонија ќе претрпи промени и тоа веројатно по ноемвриските натпревари во Лигата на нациите.
Според најавите на „Спорт1“, претседателот Муамед Сејдини ќе поднесе оставка која ќе ја објави по двата натпревари оваа седмица. Првиот човек на ФФМ повеќе ја нема довербата на членовите на Управниот одбор, тие веќе свикаа вонредно собрание на кое требаше да ја побараат неговата оставка. Поради тоа, Сејдини сака однапред да го реши „проблемот“ и да си поднесе оставка пред тоа собрание.
Мандатот на Сејдини и онака истекува во март, меѓутоа тој ќе се повлече порано и нема да биде кандидат за реизбор. На функцијата тој дојде во 2018 година по заминувањето на Илчо Ѓорѓиевски, може да се пофали со тоа дека Македонија под негово водство на ФФМ првпат играше на Европско првенство, ама сè потоа одеше во надолна линија – особено клупскиот фудбал кој е на најниско можно ниво.
Според најавите, за в.д. претседател ќе биде назначен Лазар Ракиџиев кој во моментов е потпретседател, а ќе биде со ограничени можности.
Извор: Спорт1