Тренерот на Абердин, Џими Телин го испофали Бојан Миовски по вчерашната победа на гостувањето кај Сент Џонстон од 2-1.
И покрај тоа што се поврзува со заминување од Абердин, Миовски вчера го одигра целиот натпревар и беше еден од најдобрите на теренот, без разлика што не постигна гол.
Често играчите кои се поврзуваат со заминување знаат да бидат дефокусирани чекајќи да си одат, но тоа не е случај и со Миовски.
„Тој е подготвен цело време. Но претходно се обидував да го подготвам целиот тим. Во купот им давав шанса на другите играчи бидејќи знаев што можам да очекувам од Миовски“, вели тренерот Телин.
„Тој е одличен на тренинзите, ментално е тука. На првиот куп меч не беше во составот бидејќи имаше многу шпекулации, но тој е навистина, навистина фокусиран и има многу позитивна енергија и во соблекувалната и на тренинг теренот“.
„Тој покажа дека со главата е тука, одигра навистина добро за Абердин. Дава 100 проценти и е навистина добар фудбалер. Уште е играч на Абердин и одиме од ден за ден, па ќе видиме како ќе биде понатаму“.