Милан се надоврза на добрата игра во „Дерби дела Мадонина“ и на стартот на шестото коло го совлада убедливо Лече со 3-0.
Натпреварот на „Сан Сиро“ понуди три погодоци во само неколку минути, поточно од 38. до 43. „Росонерите“ одиграа рутински натпревар, каков што треба против екипа која е аутсајдер и лесно ги освоија бодовите. Со оваа победа Милан привремено е лидер во калчото, бидејќи дојде на 11 бода и има подобра гол-разлика од екипата на Торино која ќе го дочека Лацио в недела.
По стартното испитување на силите, Милан го проби отпорот на Лече во финишот на првото полувреме. Прво Алваро Мората со глава го матира Фалконе за 1-0. Бргу потоа Тео Хернандез со еден од своите типични продори дојде во гол-шанса и погоди за удвојување на предноста. Пред полувремето стрела и Кристијан Пулишиќ по одбиена топка.
Во второто полувреме Милан доби и црвен картон, во 80. минута беше исклучен Давиде Бартесаги. Тоа сепак не влијаеше на резултатот.