Челниците на Милан активно бараат замена за Оливие Жиру кој по крајот на сезоната заминува од клубот и кариерата ќе ја продолжи во МЛС лигата.
Прво име на листата желби е словенечката ѕвезда која своевремено ја бараше половина Европа, Бенјамин Шешко. Младиот напаѓач кој е соиграч на Ељиф Елмас во РБ Лајпциг не би имал против трансфер на „Сан Сиро“, меѓутоа веројатно потешко ќе одат преговорите со клубот. Агентите на фудбалерот веќе неколку денови се во Милано и преговараат со управата.
Според информациите од Италија, „росонерите“ нудат 50 милиони евра за услугите на Шешко. Се верува дека таа е сумата на која беше поставена откупната клаузула за Словенецот. Сепак, исто така се споменува дека и поради перформансите на играчот, клаузулата расте и во моментов е на 65 милиони евра. Останува да видиме дали Милан и Лајпциг можат да се договорат за трансферот, а делува дека играчот е подготвен за преселба во Италија.
Сезонава Бенјамин Шешко во дресот на Лајпциг одигра 40 натпревари, постигна 16 погодоци и подели две асистенции, меѓутоа често беше резервист.