Манчестер Јунајтед беше блиску да им приреди ново разочарување на своите навивачи, но против Порто одигра 3-3 и успеа да го избегне поразот со гол во самата завршница.
Натпреварот започна одлично за Јунајтед и не изгледаше дека избраниците на Тен Хаг повторно ќе разочараат. Маркус Рашфорд по само седум минути игра донесе предност за Манчестер Јунајтед, а веќе во 20. минута Хојлунд се погрижи за 0-2.
Но, Порто не се откажа и до крајот на првиот дел постигна два гола. Пепе седум минути по голот на Хојлунд намали на 1-2, а веќе во 34. Омордион донесе изедначување.
Вистински студен туш за гигантот од „Олд Трафорд“ следуваше на почетокот на вториот дел кога Омордион го постигна својот втор гол за 3-2. Ситуацијата за Јунајтед изгледаше уште полошо кога Бруно Фернандеш на десетина минути до крајот го заработи вториот жолт картон и предвреме беше испратен во соблекувалната.
Поразот Јунајтед го избегна со голот на Мегваер во 91. минута и тоа откако во игра влезе по исклучувањето на Фернандеш. За Јунајтед ова е второ реми во Лигата на Европа откако претходно ремизираа и со Твенте (1-1).
Разочарување на своите навивачи им приреди Рома која беше изненадена од Елфсборг на гостински терен со минимални 1-0. Единствениот гол на натпреварот го постигна Баидо од пенал пред крајот на првиот дел.
Во останатите натпревари: Лион на гости го декласираше Ренџерс со 1-4, Атлетик Билбао дома беше подобар од АЗ Алкмар со 2-0, Ајнтрахт го совлада Бешикташ со 0-3 во Турција, ФСЦБ се радуваше на три бода во Грција против ПАОК со 0-1, со по еден гол на двете страни заврши средбата Твенте – Фенербахче, додека на дуелите Ројал Унион СГ – Бодо Глимт и Викторија Плзен – Лудогрец не видовме погодоци.