Рубен Аморим ќе биде новиот тренер на Манчестер јунајтед и тука нема никакви дилеми се е договорено и се чека само официјалната потврда од таборот на „црвените ѓаволи“.
Аморим е млад 39-годишен стратег на кого одлично му одеше во редовите на Спортинг, а сега добива прилика да работи во Премиер лигата и тоа во еден од најголемите клубови во Англија.
Португалската јавност од Аморим има огромни очекувања и доволно е да се каже дека го споредуваат со неговиот славен сонародник Жозе Мурињо кој во минатото исто така го водеше Манчестер јунајтед.
Токму во 2018 година кога Мурињо беше на клупата од „Олд Трафрод“, Аморим кој тогаш имаше 33 години стажираше во гигантот од Манчестер јунајтед каде што учеше од својот сонародник.
Многумина го споредуваат со Мурињо и поради тоа што и тој многу рано започнува тренерска кариера без некој посебен успех како фудбалер.
Португалскиот фудбалски експерт Илипе Диас за него изјави и дека Аморим е најдобриот тренер кој доаѓа од Португалија по Мурињо.
„Тој е најдобриот менаџер што го има произведено Португалија по Жозе Мурињо. Не е само во врвот на португалскиот фудбал, туку е и на самиот светски врв“, истакна Диас.
Аморим со 39 години ќе биде најмладиот тренер на Манчестер јунајтед и ќе го сруши рекордот на Сер Алекс Фергусон кој ги презема „ѓаволите“ со 45 години, потоа следат Солскер (46), Дејвид Мојс (50) и неговиот претходни Ерик Тен Хаг (52).
Сепак, самиот Аморим не сака да го споредуваат со Жозе Мурињо и јасно порачуваше дека никогаш не може да има уште еден Мурињо.