Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед и англиски репрезентативец Џеси Лингард добил парична казна затоа што без дозвола и кацига возел електричен тротинет на улиците во Сеул, објави денес јужнокорејската полиција.
Казната која ќе мора да ја плати Лингард изнесува 128 евра. Фудбалерот на Инстаграм објави дека не бил запознаен со прописите на Јужна Кореја за електрични тротинети и обврската за носење кацига.
„Секој кој ќе ја посети Јужна Кореја очигледно треба да ги провери правилата. Тоа може да биде опасно. Сигурноста е на прво место, за сите. И секако, повеќе нема тоа да го правам“, објави Лингард.
Според британските медиуми, Лингард минатата сезона доби забрана да вози 18 месеци бидејќи бил фатен како вози во алкохолизирана состојба во Манчестер.