Англиската фудбалска легенда Гери Невил не е задоволен со назначувањето на Томас Тухел за селекторската позиција на репрезентацијата.
Според поранешниот дефанзивец на Манчестер Јунајтед, постојат англиски тренери кои се подобри опции од Германецот. Невил иако ги фалеше, успеа и да ги критикува Англичаните бидејќи тренерите немаат идентитет и нагласи дека тоа мора да се промени.
„Мислам дека си штетиме самите на себе. Според мене имаше Англичани кои се поквалификувани од Тухел за позицијата.
Англиските тренери имаат лоша репутација во Европа. Немаме јасен идентитет, не изградивме нешто по што ќе бидеме препознатливи. Гледавме тренери од ширум Европа како доаѓаат во Премиер лигата и го наметнуваат својот стил во нашата игра. Ние ги копиравме, а по мое мислење Англичаните мораат да изградат свој идентитет. Мислев дека тој период на именување на странски селектори го оставивме зад себе“, изјави Невил.
Тухел ќе биде трет странски селектор на Англија, откако претходно селекцијата ја водеа Свен Горан Ериксон и Фабио Капело.