Украинскиот ветеран, Артем Милевски и фудбалер кој одигра 178 натпревари за Динамо Киев се соочи со непријатна ситуација откако во неговиот дом влегла полиција.
Милевски не бил проблемот, туку неговиот цимер Серхи Третјак кој е осомничен за местење натпревари.
Иако тој не е осомничен, сепак медиумите побараа и Милевски да ја каже својата страна.
„Во шок сум, засега не би можел ништо да кажам додека не знам детали што се случувало“, изјави Милевски.
Осомничениот Третјак тврди дека нема основа за обвинувања.
„Осомничен сум дека сум организирал местење натпревари. Никогаш не сум слушнал за тимовите со кои ме поврзуваат, а претресот на куќата има врска со е-спортот, не со фудбалот“, изјави Третјак.
Ова не е првпат Третјак да се поврзува со наместени натпревари, пред неколку недели се пишуваше дека заедно со уште едно лице заработил околу 15.000 евра на обложување на натпревари од пониските лиги во Бразил.
Милевски во кариерата дресот на гигантот Динамо Киев го носеше од 2003 до 2012 година и во тој период постигна 57 голови на 178 натпревари. За Украина настапи на 50 натпревари и осум пати се запиша во листата на стрелци.