Фудбалерите на Лацио славеа со 2-1 во дуелот против Верона, со што се спушти завесата на четвртото коло на Серија А.
„Бјанкочелестите“ и гостинот на „Олимпико“ им приредија доста возбудувања во првите 20 минути од средбата, кога и паднаа трите погодоци, а на крајот домаќините забележаа второ сезонско славје.
Само пет минути им беа потребни на лацијалите да поведат, а стрелец беше Булаје Диа. Веќе во седмата минута Верона успеа да дојде до израмнување со погодокот на Каспер Тенгстедт.
Вториот гол во гостинската мрежа беше дело на Тати Кастељанос, по втората асистенција од Матиа Закањи за 2-1 во 20. минута. До крајот Верона се обиде, но немаше сили за резултатски кам-бек и претрпе пораз.
Лацио има седум бода по четири рунди и е шестопласиран, а Верона со бод помалку е една позиција подолу.