Репрезентацијата на Хрватска вчера покажа квалитет и во комбиниран состав славеше против Македонија со резултат 3:0. Овој натпревар посебно ќе го памети фудбалерот од средниот ред на Хрватите, Матео Ковачиќ.
Ковачиќ во овој натпревар оствари голем јубилеј и го одигра 100-тиот натпревар во дресот на репрезентација.
„Прекрасно е чувството да одиграте 100 натпревари во националниот дрес, добив и можност да бидам капитен. Благодарен сум на селекторот и на Перишиќ што ми ја овозможија таа чест“, изјави Ковачиќ.
Доби прашање играчот за врска да го избере и најдобриот момент во дресот на репрезентацијата.
„Тешко е да се каже, ми беше навистина убаво во Катар, но не се заборава и среброто во Русија. Се надевам дека на Европското првенство во Германија можеме и до злато“, порача Ковачиќ.