Капитенот на репрезентацијата на Англија, Хари Кејн удри по колегите кои се откажаа од ноемврискиот циклус и последните два меча во Лигата на нациите.
Според напаѓачот на Баерн Минхен, репрезентацијата мора секогаш да е пред клубот, а смета дека тоа во моментов не е така во Англија. Тој се присети на работата на претходниот селектор и нагласи дека отворено ќе критикува вакви ситуации на соиграчите.
„Мислам дека Англија мора да биде пред сè друго. Репрезентацијата е поважна од клубот. Англија е најважната работа која ќе ја доживее еден професионалец од оваа земја. Герет Саутгејт инсистираше на тоа и не се плашеше да направи „резови“ ако почувствува дека некој го става клубот пред репрезентацијата.
Очигледно е дека за оваа репрезентативна пауза желбата на играчите спласна. Можеби тоа е поради тешкиот период од сезоната, можеби ја користат ситуацијата. Тоа не ми се допаѓа. Мислам дека Англија мора да е најважна“, изјави капитенот.
Англија во ноемврискиот репрезентативен прозорец ја очекуваат два меча против Грција и Ирска за крај на групната фаза на ова натпреварување. Фактот дека се во Б лигата веројатно на дел од играчите со сигурност влијае при одговарањето на повикот на привремениот селектор Ли Карлсли.
Да потсетиме, на први јануари започнува мандатот на Томас Тухел на клупата на „Гордиот Албион“.