Поразот на Манчестер Јунајтед на гостувањето кај Кристал Палас од 4-0 крена огромна прашина. Критики, но и голем сеир пристигнува од сите страни, а „црвените ѓаволи“ пак се во незавидна ситуација.
Еден од главните критичари на овој пораз беше поранешниот фудбалер на Ливерпул, Џејми Карагер, кој беше аналитичар на угледниот „Скај Спортс“. Покрај тоа што Карагер ги искритикува повеќето фудбалери како група, тој одвои неколку минути во кои се посвети само на Касемиро.
„Споменав дека Тен Хаг веројатно требаше да го замени на полувреме. Има млади момчиња на клупата кои ќе одиграа подобро. По овие партии. искусен играч како Касемиро мора да знае дека му преостануваат уште три натпревари на ова ниво – два во Премиер лигата и еден во ФА купот. Подобро му е да помисли „Одам во МЛС или Саудиска Арабија“. Јас сум смртно сериозен. Се гледаат годините, луѓето околу него треба да му кажат да престане да игра. Кога јас се повлекував, важеше една изрека: „Напушти го фудбалот, пред фудбалот да те напушти тебе“. Фудбалот го има напуштено Касемиро, барем за врвно ниво. Мислам дека треба да повлече црта и да замине. Едноставно, тој беше предобар играч за да прикаже ваква партија и сите да му се смеат во Кристал Палас. Не играше против Сити или Реал, туку против Палас. Човек со неговиот ков не смее да минува низ такво нешто“, изјави Карагер.
Касемиро е еден од најплатените фудбалери во Манчестер Јунајтед. Седмично тој заработува 350.000 фунти, меѓутоа по трансферот од Реал Мадрид во Англија како да заборави да игра фудбал…