Екипата на Манчестер Јунајтед беше декласирана во дуелот од Кристал Палас (4-0) во рамките на 36. коло на Премиер лигата.
По овој натпревар, во отвореното студио на „Скај Спортс“ сериозни критики до „ѓаволите“ упати Џејми Карагер. Легендата на Ливерпул воопшто не беше благ, па кога ги виде играчите на Јунајтед како си шепотат на тревникот по мечот, почна со критики.
„Само одете си од теренот. Што разговарате, си шепотите зад рака!? Бевте ужасни. Веројатно озборуваат некој свој соиграч или за некој од стручниот штаб. Само замолчи и оди си во соблекувална. Искрено, ова е срамно.
Овој е еден од најлошо менаџираните тимови во Премиер лигата. Тоа не е мислење, туку факт. Едноставно се меѓу најлошите дефанзивни екипи во првенството“, изјави Карагер.
Манчестер Јунајтед има 54 бода и се наоѓа на осмата позиција на табелата. Во последните три рунди мора да се обидат да дојдат до европско место, а најблизу до нив е Њукасл на позицијата која води во Конференциската лига и има два бода повеќе.